
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) започна со дистрибуција на 400.000 дози вакцини против болеста сипаници кај овците и козите до ветеринарните друштва. Вакцините се од турско производство и се обезбедени како донација од Европската Унија.
Согласно Планот за вакцинација одобрен од ЕУ, се очекува аплицирањето на вакцините на терен да започне во среда.
Од АХВ информираат дека ги добиле резултатите од лабораториските испитувања на вакцините, спроведени во лабораториите на Факултетот за ветеринарна медицина. Со тестирањата биле потврдени нивниот квалитет и ефикасност во заштитата на добитокот од болеста, како и микробиолошката исправност и јачината на препаратите.
Со вакцинацијата ќе бидат опфатени вкупно 3.417 стада, односно 438.042 овци и кози во осумте региони во земјата.
Првата фаза ќе се спроведе во Вардарскиот, Источниот, Југоисточниот и Североисточниот регион, каде што се евидентирани 1.859 стада со вкупно 193.527 животни.
Втората фаза ќе ги опфати Југозападниот, Пелагонискиот, Полошкиот и Скопскиот регион, каде што има 1.558 стада со 244.515 животни.
Предвидена е и трета фаза на дополнителна вакцинација, со цел да се постигне што поголем опфат на целната популација. Во оваа фаза ќе бидат вклучени јагниња и јариња кои ќе ја достигнат минималната возраст за вакцинација по завршувањето на првите две фази, како и животни чија вакцинација привремено била одложена поради нивната здравствена состојба или проценка на ветеринар.
Дополнително, ќе бидат опфатени и бремени животни и животни во постпородилниот период, кај кои вакцинацијата била одложена врз основа на документирана проценка на односот меѓу ризикот и придобивките.
Третата фаза ќе ги опфати и фармите кои биле недостапни за време на почетната кампања, како и оние каде што вакцинацијата била одложена поради сомнение за присуство на болеста, под услов таа да биде одобрена од надлежниот официјален ветеринар.
Вакциналната кампања ќе ги опфати клинички здравите овци и кози од целната популација, јагнињата и јарињата кои ја достигнале минималната возраст за вакцинација, како и животните кои не се исклучени од вакцинација согласно упатството за употреба на конкретниот ветеринарно-медицински препарат.
Вакцинацијата на бремените и болните животни, како и на другите посебни категории, ќе се спроведува согласно упатството за употреба на вакцината.
Од почетокот на годинава до денеска, АХВ евидентирала 115 жаришта на болеста сипаници кај овците и козите. Во истиот период од болеста угинале 875 животни, додека 9.359 биле нештетно отстранети.
The post АХВ започна со дистрибуција на 400.000 вакцини против сипаници кај овците и козите appeared first on Нова Македонија.






