
Жителите на населбата Каменик во Општина Кисела Вода ќе добијат нов систем за водоснабдување, со чија изградба ќе се реши долгогодишниот проблем со недостигот на вода за пиење. Станува збор за заедничка инвестиција на Владата и локалната самоуправа, чија реализација денеска ја најави премиерот Христијан Мицкоски при увидот во градежните активности, заедно со градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоски, пренесе МИА.
Мицкоски истакна дека проектот е од особено значење за жителите на оваа населба, бидејќи со изградбата на новата водоводна инфраструктура конечно ќе се надмине долгогодишниот проблем со снабдувањето со вода за пиење.
-Целокупниот проект е многу значаен за овој дел на Општина Кисела Вода, затоа што тоа што недостасуваше досега, тоа е водата за пиење. Ќе биде конечно затворен тој проблем – изјави Мицкоски.
По завршувањето на работите на водоводната мрежа, предвидена е и реконструкција на сообраќајната инфраструктура, односно асфалтирање на патот, со што дополнително ќе се подобрат условите за живот на жителите.
Премиерот нагласи дека Владата продолжува со реализација на инфраструктурни проекти согласно утврдените потреби на граѓаните и расположливите институционални можности, посочувајќи дека активностите се спроведуваат плански и систематски.
-Така што плански се работи, систематски се работи, потребите се јасни, а ние како Влада, нашата задача и цел е на овие потреби да одговориме согласно нашите можности и се надевам дека тоа досега го правиме – изјави Мицкоски.
Воедно, тој упати благодарност до градоначалничката на Општина Кисела Вода, општинските советници, пратениците, ресорните министерства и Министерството за животна средина и просторно планирање за нивната поддршка и соработка во реализацијата на проектот.
Според Мицкоски, соработката меѓу централната и локалната власт е значаен предуслов за поефикасна реализација на инфраструктурните проекти, а Владата и во наредниот период ќе продолжи со активности насочени кон подобрување на условите за живот и задоволување на потребите на граѓаните.
The post Мицкоски: Со новиот водовод конечно ќе се реши проблемот со водоснабдувањето во Каменик appeared first on Нова Македонија.






