
Дваесет и пет години по 11 септември 2001 година, голем дел од светот го сврте вниманието кон други прашања, оставајќи ја борбата против тероризмот во втор план. По поразот на Исламската држава во Ирак и Сирија и повлекувањето на САД од Авганистан во 2021 година, Вашингтон се насочи кон други големи предизвици. Заедно со многу свои европски сојузници, САД повеќе се преокупирани со војните во Украина и на Блискиот Исток отколку со заканата од транснационалниот екстремизам. За ваквата промена придонесе и општиот пад на терористичките напади во многу делови од светот, по врвот на дејствувањето на ИСИС во средината на 2010-тите години.
Сепак, постои регион во светот каде што тероризмот не само што опстојува туку бележи и пораст. Според извештаите на Обединетите нации и Глобалниот индекс на тероризмот, Африка денес е убедливо најголемиот центар на терористичка активност. На африканскиот континент се случуваат повеќе од 50 отсто од сите смртни случаи поврзани со тероризам во светот во изминатите пет години. Таму дејствуваат и три од четирите најсмртоносни џихадистички групи во светот: ИСИС, која денес главно е присутна во Африка, Џамаат Нусрат ал Ислам вал Муслимин (ЈНИМ) и Ал Шабаб. Четвртата е Техрик-е-Талибан Пакистан, позната и како пакистански Талибан. Шест од десетте земји најпогодени од тероризмот исто така се наоѓаат во Африка: Буркина Фасо, Демократска Република Конго, Мали, Нигер, Нигерија и Сомалија. Бројот на терористички напади на Блискиот Исток се намалил за 93 отсто во периодот од 2017 до 2025 година, додека во регионот Сахел е забележан пораст од 17 отсто, а само во 2023 година биле регистрирани рекордни 4.043 смртни случаи поврзани со тероризам.
Африканскиот тероризам го привлекува вниманието на меѓународната јавност, а најголемиот дел од интересот е насочен кон регионот Сахел. Овој широк појас територија, кој ги раздвојува Сахара и Магреб на север од потсахарска Африка, претставува жариште на екстремизмот. Во него дејствуваат ЈНИМ и ограноците на ИСИС, како што е Боко Харам во Нигерија, Камерун и во Чад, но и разбојнички групи како Лакурава во Нигер и Нигерија и Ал Шабаб во Сомалија. Меѓутоа, терористичката активност во Африка денес се проширува и во низа други земји во западниот, централниот и јужниот дел на континентот, меѓу кои Бенин, Централноафриканската Република, Мозамбик и Того. Многу од овие земји претходно немале значајна историја на џихадистичка идеологија или екстремистичко насилство.
Светските лидери ја занемаруваат оваа терористичка закана што го зафаќа целиот континент на сопствен ризик. Терористичките групи не само што станаа голем предизвик за стабилноста и развојот на Африка туку претставуваат и сè поголема опасност за глобалната безбедност. Засега, можеби се чини дека овие групи немаат голем капацитет да ја проектираат својата моќ надвор од африканските граници. Но во услови на новата трка за африканските минерални богатства и за стекнување влијание на континентот, тоа може да се промени. Големите сили ги интензивираат напорите за стекнување економско, политичко и воено влијание во Африка што, пак, ги поткопува заедничките меѓународни иницијативи за борба против тероризмот. Истовремено, многу африкански џихадистички групи имаат силно изразени антизападни ставови и ги користат конфликтите околу природните ресурси за да градат транснационални мрежи.
Досегашниот глобален одговор на заканата од Африка во голема мера се потпираше на воени операции, особено во Сахел. Но за вистински да се справат со овој феномен, надворешните сили и светските лидери ќе мора да ги разберат длабинските фактори што доведоа до ширење на екстремистичките групи. Пред сè, ќе треба да најдат нови начини да им помогнат на африканските земји да се справат со слабеењето на државните институции и управувањето, кои придонесоа тероризмот да стане ендемска појава на целиот континент.
ЗАПОСТАВЕНА МЛАДИНА
Поврзаноста на Африка со терористичките и џихадистичките групи воопшто не е нова. Нападите на Ал Каеда врз американските амбасади во Дар ес Салам и Најроби во 1998 година биле планирани од Судан, каде што Осама бин Ладен престојувал во периодот од 1991 до 1996 година. По 11 септември 2001 година, експертите за безбедност ги оценија овие напади како клучен претходник на подоцнежните настани, што требало да биде повод за зголемено внимание. Потоа, во првите години на 21 век, локалните африкански групи се обединиле во Ал Шабаб, со седиште во Сомалија, која почнала да се занимава и со транснационален тероризам како огранок на Ал Каеда. Подоцна, Ал Каеда во исламскиот Магреб воспоставила силно упориште во Мали. Овие случувања поттикнале повеќе антитерористички кампањи предводени од западните земји, често со поддршка на африканските сили. Но овие антитерористички операции не успеале значително да ја запрат екстремистичката активност во Африка. Во 2010-тите години, земјите во Сахел и во неговата близина почнале да преминуваат од подрачја во кои се создавале услови за развој на тероризмот во главни цели на терористичките напади. Во изминатите неколку години, овие земји не само што продолжиле да бидат места каде што терористичките групи можат да се организираат, да ги радикализираат своите приврзаници и да ја шират насилната екстремистичка идеологија туку и самите ги поднесуваат најтешките последици од терористичките напади и убиства, како и од нестабилноста и нарушувањето на безбедноста што ги придружуваат. Уште полошо, оваа активност се проширила и во нови области на континентот, како што се Бенин, Демократска Република Конго и Мозамбик, каде што претходно немало џихадистички групи. Во овие земји терористичките групи ги искористиле долгогодишните незадоволства на населението, предизвикани од занемарувањето од страна на владите, исклученоста и сиромаштијата. Ширењето на џихадизмот го предводат нови локални групи поврзани со Ал Каеда и нејзиниот огранок ЈНИМ во регионот Сахел во Западна Африка, како и со ограноците на ИСИС во Централна Африка. Меѓу нивните главни мотиви е стекнувањето богатство преку нелегално рударство, шверц и транснационален организиран криминал.
Она што надворешниот свет често не успевал да го препознае – и во претходните и во поновите фази на екстремизмот – се длабинските фактори поради кои толку многу африкански земји станале подложни на вакви појави. Речиси во секој случај, клучен фактор што го овозможил нивното ширење биле слабите или распаднати државни институции: неможноста на државите да ги обезбедат благосостојбата и безбедноста на своите граѓани, да ја спроведуваат суверената власт на целата своја територија и да се справат со распространетата сиромаштија, невработеноста и болестите, кои создале простор за ширење на екстремизмот. Во многу земји овие фактори дополнително се влошиле поради големиот број внатрешно раселени лица и бегалци, недостигот од социјална инфраструктура и постојаните насилни конфликти.
Специфичните демографски карактеристики на Африка дополнително го усложнуваат предизвикот. За разлика од стареењето на населението во повеќето други региони во светот, лицата помлади од 30 години сочинуваат речиси 70 отсто од населението на Африка и се најпогодени од нефункционирањето на државните институции. Истовремено, невработеноста кај младите останува постојано висока: просекот на континентално ниво изнесува 18 отсто, но во некои земји, како Џибути, невработеноста кај младите може да надмине 75 отсто. Незадоволните млади Африканци претставуваат огромен потенцијален извор на регрути за екстремистичките групи, чиј број соодветно расте. Според неодамнешните процени, Ал Шабаб има повеќе од 15.000 борци, а ЈНИМ околу 6.000.
Но улога има и соучесништвото на државните структури. Денес е документирано дека политичките лидери воспоставувале врски со разбојнички и терористички групи за да ја обезбедат и да ја консолидираат својата власт. Друг фактор што придонел за ширењето на тероризмот се климатските промени и конфликтите околу природните ресурси. Многу од овие земји имаат непристапни пустински предели и се соочуваат со сè поголема несигурност во снабдувањето со храна и конфликти околу ресурсите што се намалуваат. Последица од тоа е појавата на таканаречени „неуправувани територии“ во повеќе африкански земји – области карактеризирани со вакуум на моќ, порозни граници и нелегално ископување критични минерали и други природни ресурси од страна на терористички групи, разбојници и криминални банди. На овие подрачја недржавните актери често воспоставуваат паралелни државни структури, не само за да обезбедуваат јавни добра, вклучително и безбедност, заштита и социјални услуги туку и за да го оспорат легитимитетот на државата преку верски мотивирани востанија и војна.
МИНЕРАЛНИТЕ БОГАТСТВА ПРИВЛЕКУВААТ МИЛИТАНТИ
Иако внатрешните извори на тероризмот во Африка се значајни, надворешните фактори и глобалните поврзаности имаат уште поголема улога во неговото ширење. Таков е примерот со африканските џихадистички и радикални исламистички движења, кои со децении се инспирирани и поддржувани однадвор. Овие транснационални поврзаности им донеле многубројни предности на африканските групи, вклучително и нови извори на финансирање, ново оружје (меѓу кое и беспилотни летала), обука за напади и употреба на импровизирани експлозивни направи, како и идеолошка индоктринација, странски борци, разузнавачки информации и логистичка поддршка. За возврат, африканските терористички групи им помагаат на своите меѓународни сојузници преку поморско пиратство и шверц, трговија со луѓе и шверцување мигранти, перење пари, киднапирања за откуп, грабежи, кражба на добиток, трговија со дрога и нелегално рударство. Африканските групи многу од овие активности, како и незаконското оданочување на областите под нивна контрола, ги користат за собирање нелегални средства за своите меѓународни сојузници.
Во многу делови на Африка глобалната конкуренција за критични минерали стана нов двигател на ширењето на тероризмот. Во областа Манoно во Конго, на пример, странски компании се вовлечени во долготрајни спорови околу наоѓалиштата на литиум, што ги отежнува антитерористичките операции во истото подрачје. Различните меѓународни актери повеќе не сакаат да соработуваат во борбата против тероризмот, а терористичките групи ги користат надворешните ривалства за да ги зајакнат сопствените операции. Слично сценарио се одвива и во други области богати со природни ресурси.
Сега е итно потребно водечките светски сили да усвојат поинаков пристап. Првиот чекор е проблемот да се препознае онаков каков што навистина е. Џихадистичкиот тероризам денес не е локален или регионален проблем што погодува само неколку африкански земји туку претставува глобална закана. Тој може ефикасно да се сузбие само преку усогласена и долгорочна меѓународна акција.
САД, како и владите во Европа и меѓународните организации, треба да го пренасочат фокусот од воените операции кон решавање на вистинските социјални и економски причини за слабеењето на државите, кои направиле толку многу африкански земји да станат плодно тло за конфликти и екстремистичко насилство. Тоа, секако, би подразбирало зајакнување на капацитетите на државите, а би барало и регионални напори, како и посочена и поефикасно насочена развојна помош. Ништо од тоа нема да биде лесно, но неактивноста би имала многу потешки последици. Доколку африканските земји и нивните меѓународни партнери не почнат да се справуваат со основните процеси што го поттикнуваат ширењето на транснационалниот тероризам во Африка, малку е веројатно дека тој уште долго ќе остане ограничен само на африканскиот континент.
The post Трката за африканските минерални богатства го храни и тероризмот appeared first on Нова Македонија.






