
Каруана и Ниман имаа максимален ефект во вториот натпреварувачки ден
Фабијано Каруана и Ханс Ниман ги добија обете свои партии на вториот ден од групната фаза во брз класичен шах, на пилот-изданието на Светското првенство во тотален шах, во Будимпешта, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Третото и четвртото коло донесоа 13 одлучувачки резултати од 24 партии, три повеќе отколку на првиот ден. Секој играч се соочи со истиот противник двапати со обратни бои на фигурите. Со три поени доделени за победа и еден за реми, овие две двојни победи им донесоа на Каруана и на Ниман по шест поени, пишува ФИДЕ.
По првите два дена во водство во своите групи се Алиреза Фирузџа со осум бода во групата 1, Каруана со 10 бода во групата 2, Јан Непомнијашчи со шест бода, колку што има и Хаик Мартиросјан, во групата 3 и Максим Вашер-Леграв со осум бода, колку што има и Ниман, во групата 4. Делот на ова пилот-издание на СП во брз класичен шах продолжува во Будимпешта, каде што играчите се натпреваруваат за позиции во групите пред нокаут-групите.
Светското првенство во тотален шах е ново светско првенство, основано од Норвешкиот шах и одобрено од Светската шаховска федерација. Првпат најдобрите светски играчи се натпреваруваат во три шаховски дисциплини, во брз класичен шах, забрзан и во брз шах, за да го одредат комбинираниот шампион. Во тек е официјалната пилот-серија, а целосната турнеја е предвидена во 2027 година.
Н.М.
ТЕНИС
- Синер оптимист за Австралија опен, но нема да брза со враќањето на терените
Вториот светски тенисер Јаник Синер е уверен дека ќе се врати навреме за гранслем-турнирот Австралија опен в година, но нема да брза со закрепнувањето од повредата на коленото што му ја прекина сезоната, изјави Италијанецот, пренесе агенцијата „Ројтерс“. Тој е надвор од тениските терени откако ја освои петтата гранслем-титула во кариерата, на турнирот во Вимблдон, во јули.
– Целта е да одам во Австралија, се надевам дека ќе стигнам таму и можеби ќе играм на неколку турнири претходно. Во моментов, треба да ги следам протоколите без да брзам. Ми недостига играњето тенис. Сепак, во моментов е клучно да се грижам за моето тело, бидејќи сакам да продолжам да играм уште 10-15 години – изјави Синер, пренесе „Ројтерс“.
Н.М.
The post ПИЛОТ-ИЗДАНИЕ НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО ТОТАЛЕН ШАХ appeared first on Нова Македонија.






